Што претставува мерката?
Ако знаете да работите одредена работа, но немате диплома или сертификат за тоа, оваа мерка ви овозможува официјално да ги потврдите вашите знаења и вештини.
Знаењата може да сте ги стекнале преку работа, самостојно учење, помагање во семеен бизнис, работа во домаќинството или долгогодишно практично искуство. Во Регионалните центри за стручно образование и обука, стручни лица ќе проценат што знаете и што умеете да работите.
Доколку ги исполнувате условите, ќе добиете сертификат за целосна или дел од одредена стручна квалификација.
Сертификатот може да ви помогне:
- полесно да најдете работа;
- да ги докажете своите способности пред работодавач;
- да напредувате или да ја промените професијата;
- да се вклучите во дополнителна обука;
- да ги зголемите можностите за подобри приходи.
Мерката е наменета за лица со практично искуство во различни области, како што се градежништво, машинство, електротехника, земјоделство, угостителство, лични услуги, трговија, транспорт, здравство и социјална заштита, текстил, обработка на дрво и други професии.